„Форин аферс“: Ескалацијата на тензиите и судирот меѓу Косово и Србија лесно можат да се прелеат и во * Македонија, иако е членка на НАТО!

„Западот мора да сфати дека, ако се остави да се продлабочат тензиите во Косово и Србија, тие  би можеле да станат многу потешки – и поскапи – за решавање. Она што се случува во Косово и Србија ретко останува во тие земји, а оваа криза лесно може да се прелее и на другите балкански држави. Блиската * Македонија, која припаѓа на НАТО, може да биде вовлечена. Понатамошните ескалации на Косово ќе предизвикаат хаос во Босна и Херцеговина. За да се заштити Европа и да се запре Кремљ, од суштинска важност е НАТО да го зајакне своето балканско крило токму сега, додека трошоците за тоа се сè уште ефтини.“ – истакнува „Форин аферс“, еден од водечките американски магазини за меѓународни односи и геополитика, во својата обемна анализа со наслов „Вториот фронт на Русија во Европа – Западот мора да го спречи Путин да предизвикува судир на Балканот“, која ја објави вчера, на 8 ноември 2023 година.



Еден од двајцата автори на оваа анализа на „Форин Аферс“ е Дејвид Р.Шид, поранешен  вршител на должноста директор на американската Одбранбена разузнавачка агенција. Тоа им дава дополнителна тежина и сериозност на овие предупредувања на „Форин Аферс“ дека „тензиите меѓу Косово и Србија би можеле лесно да се прелеат и во * Македонија, иако е членка на НАТО“, односно и оти „* Македонија може да биде вовлечена во судир меѓу Косово и Србија“. Вториот автор на анализата е Ивана Страднер, научен истражувач во „Фондацијата за одбрана на демократиите“ – истражувачки институт за национална безбедност и надворешна политика од Вашингтон, САД.

Во анализата, во која ја разгледува улогата на Русија во Балканот, „Форин аферс“ нагласува дека „САД и ЕУ би требале да им укажат на Србија и Русија дека ќе реагираат остро на намерата на Путин да отвори втор фронт на Русија на Балканот“, односно оти „САД и ЕУ треба да го спречат Путин да предизвика судир во Балканот“. Потсетувајќи на се поголемите тензии во Косово, овој американски аналитички магазин изнесува став дека „би требало да бидат засилени силите на НАТО во регионот и да ѝ се постават црвени линии пред Србија, која не би смеело да ги прејде, бидејќи ќе се изложи на опасност да влезе во директен судир со силите на НАТО“. Се истакнува дека „Србија би требала да биде подложена на санкции, ако не се одалечи од Москва и ако не ги намали тензиите во регионот“.

„Форин аферс“ смета дека „Русија гледа на Балканот како на меко подножје на Европа“, со тоа што „Москва верува дека Србија е нејзината најранлива точка“. Натаму, како што се наведува, „целта на Путин е да ја претвори Москва во единствен доверлив преговарач во судирите во Балканот – давајќи му на Путин лост над западните сили“. „Со туркањето на Балканот до работ Путин се надева дека ќе покаже оти НАТО е тигар од хартија и дека нема да дејствува, ако биде тестиран навистина.“ – напомнува „Форин аферс“, додавајќи дека „иронијата во целата приказна е тоа што Русија не ја признава независноста на Косово“.

„Форин аферс“ наведува дека „Западот би морал да сфати дека тензиите меѓу Србија и Косово би можеле и тоа како да ескалираат и да се прелеат на * Македонија, која е членка на НАТО“. „А тоа би бил вистински подарок за Путин, бидејќи тоа би значело дека тогаш влијанието на Западот ќе се одвлече од Украина.“ – посочува американскиот магазин. „За да би ја заштитил Европа и за да би го запрел Кремљ, затоа е од суштинска важност НАТО веднаш сега да го зајакне своето балканско крило, додека се сеуште ефтини трошоците за тоа.“ – се заклучува во оваа анализа на „Форин аферс“.