Лидерите на Кина, Русија и САД се најдоа на првите три места на листата на „Форбс“ на највлијателните луѓе на планетата, кои „го определуваат текот на светските настани“.
Со Кси Џинпинг, еден кинески претседател првпат го зазема првото место на овој список благодарение на партискиот конгрес во Кина, кога со промена на Уставот на земјата тој ги прошири своите ингеренции и може дури да биде прогласен и за доживотен претседател.
На второ место е рускиот претседател Владимир Путин, кој во последните четири години се наоѓа на првите места на листата. Путин е на чело на Русија од мај 2000 година, а на последните избори во март освои 77 отсто од гласовите, што е најубедлива победа на некој кандидат по крахот на СССР“, забележува „Форбс“.
Една година по преземањето на функцијата американскиот претседател Доналд Трамп се најде на третото место: Трамп е под истрага, го следат бројни скандали поврзани со неговиот приватен живот и бизнис, но и покрај тоа ја води земјата со најсилна економија и армија во светот.
Во првите десет највлијателни влегуваат уште и канцеларката Ангела Меркел, Џеф Безос од „Амазон“, папата Франциско, основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, индискиот премиер Нарендра Моди, како и основачот на „Гугл“, Лери Пејџ.




