Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска допатува во Украина, додека ЕУ се обидува да го увери украинскиот народ во поддршката на блокот и пред клучниот извештај за аспирациите за пристап на Киев во Унијата, пренесе Политико.
„Тука сум да разговарам за пристапниот пат на Украина во ЕУ“, објави Фон дер Лајен на „Х“„ од Киев. „И како ќе продолжиме да ја натераме Русија да плати за војната и агресијата“.
Посетата доаѓа неколку дена пред Европската комисија да го објави својот извештај за напредокотза тоа колку добро Украина и другите земји аспиранти ги исполнуваат економските, правните и другите услови на блокот за пристапување.
„Се разбира дека пакетот за проширување ќе биде на врвот на агендата, но исто така и финансиската и воената поддршка“, изјави претходно Фон дер Лајен за новинарите.
Официјални претставници и дипломати на ЕУ изјавија за Политико дека во извештајот од 8 ноември, Брисел ќе препорача отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија – условени со технички предупредувања каде земјите треба да направат поголем напредок.
Извештајот за напредокот е клучен чекор во одлуката на блокот дали да започне пристапни преговори со Киев.
Врз основа на проценката на Комисијата, лидерите на ЕУ потоа ќе разговараат на нивниот состанок во средината на декември дали да започнат официјални преговори за членство со Украина.
За секоја одлука за проширување е потребна поддршка од сите 27 земји на ЕУ.







