Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на седница закажана за утре во 13 часот ќе се обрати на пратениците во македонскиот парламент, а извесно е дека ќе говори за францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија
Веднаш потоа закажана е и седница на чиј дневен ред ќе биде Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка.
На барање на опозицијата Владата вчера до Собранието испрати дополнување на претходно испратената информација, но и во тоа дополнување повторно го нема протоколот од предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, предложена од страна на претседателството на Франција на 30 јуни.
Власта останува на ставот дека францускиот предлог е добар и оти треба да се прифати за да се крене бугарското вето и да се откочи процесот на евроинтеграција на земјава. Опозицијата е со спротивен став, а необјавувањето на протоколот и неговата содржина, според неа, фрла дополнителен сомнеж на тоа што го прави власта.







