Изјавата на рускиот гасен гигант Газпром дека еднострано ја прекина испораката на гас за некои клиенти во Европа е уште еден обид на Русија да го користи гасот како алатка за изнуда. Ова го изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, цитирана од Ројтерс.
Откако Москва ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија додека двете земји не го платат увозот во рубли, шефицата на ЕК вели дека „Ова е неоправдано и неприфатливо. И ова уште еднаш ја покажува несигурноста на Русија како снабдувач со гас“.
Подготвени сме за ова сценарио, увери претседателката на Европската комисија и додаде дека се подготвува координиран одговор од ЕУ.
Од нејзината изјава стана јасно дека во моментов се одржува состанок на координативната група за природен гас.
Европејците можат да бидат уверени дека сме обединети и солидарни со погодените земји-членки, рече таа, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да работи со меѓународните партнери за да обезбеди алтернативни текови.
Ќе продолжам да работам со европските и светските лидери за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија во Европа, рече Фон дер Лајен.






