Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред Европскиот парламент изјави дека за време на нејзината посета на Турција не била третирана на нивото на нејзиниот ранг.



„Јас сум првата жена претседател на Европската комисија и очекував да бидам третирана како претседател за време на мојата посета на Турција пред две недели. Но, не беше така“. истакна таа пред пленарната седница на ЕП во врска со скандалот наречен „дивангејт““.

„Дали ова ќе се случеше ако бев во костум и вратоврска? Во снимките не видов недостаток на столици. Но, исто така, не видов ниту една жена. Дами и господа, многумина од вас можеби искусија нешто слични, особено жени. И сигурна сум дека знаете како се чувствувам – повредена и сама. Како жена и како Европејка“, рече Фон дер Лајен

За време на нејзината посета на Анкара заедно со претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел, на почетокот на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, не ѝ беше обезбеден стол и по кратко двоумење седна на – кауч.

Светски медиуми ја објавија фотографијата од посрамената шефица на ЕК како осамена седи на кауч, а настанот го нарекоа „дивангејт“.