Фон дер Лајен ги пофали земјите од Западен Балкан – бара Брисел да испорача

Нашите партнери од Западен Балкан преземаат важни реформи и видлив е нивниот напредок, но сега Европската Унија е на ред да испорача. Неотворањето преговори со Македонија и Албанија го загрозува нашиот кредибилитет и поддршка во регионот, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и премиерот на Словенија Јанез Јанша, по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ.



– Важно е да се знае дека Европската комисија работи интензивно за да се пронајдат клучните прашања во билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија, тоа се „пет плус едно” прашање, за да се состави патоказот, како практичен чекор кон решавање на овој проблем, вели Фон дер Лајен.

Таа додаде дека дијалогот, вољата за решавање проблеми и капацитетот да се решаваат тешки и сложени прашања, се во срцето на она што е и самата Европска Унија и изрази уверување дека овие прашања можат да се решат.

– Свесна сум за фактот дека прво треба да ги решиме прашањата, тука е билатералното прашање меѓу Бугарија и Македонија, и убедена сум дека ќе најдеме решение и важна беше и силната поддршка за ова прашање изразена на Самитот, рече таа.

Фон дер Лајен ги поздрави реформите во клучните области во земјите од регионот – владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, слободата на медиуми и економските реформи, додавајќи оти е важно да се одржи нивниот курс.

– Пораката на Европската комисија е многу јасна – Западен Балкан е дел од истата Европа како и ЕУ. Ние делиме иста историја, исто интереси, вредности и убедена сум оти делиме и иста судбина. ЕУ не е комплетна без Западен Балкан. Европската комисија ќе прави се за да го забрза процесот на проширување и европската интеграција на регионот. Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија и нема сомневања дека нашата цел е проширувањето, рече Фон дер Лајен.