
Дали Врховниот суд ќе биде конечниот спас за поранешниот премиер, Никола Груевски – ова прашање се наметна откако беше објавено дека адвокат што го бранел Орце Камчев поднел иницијатива до Врховен, во која се бара највисокиот суд да донесе начелен правен став за аболициите на Иванов. Правно е тешко изводливо, но политички е сѐ поизвесно дека Груевски ќе биде рехабилитиран, дотолку повеќе што високи владини претставници сѐ погласно говорат за помирување – пишува Фокус.
Сѐ додека трае политичкиот прогон не се враќам во Македонија, порача бегалецот од Будимпешта, поранешниот премиер, Никола Груевски во интервју за српскиот весник „Политика“.
– Помина повеќе од месец дена откако се усвоени измените на Кривичниот законик и сега е сосема јасно дека таа измена не е наменета за мене. Тоа беше валкан спин со краток рок на траење. Да беше тоа така, да беше тоа во мој интерес, јас веќе еден месец ќе бев во Скопје и овој разговор би го воделе во Македонија – вели Груевски.
Во интервјуто, тој тврди дека правосудството е во канџите на неговиот следбеник во власта, Зоран Заев, а за негов сојузник го прогласи и следбеникот во партијата, Христијан Мицкоски.
Притоа, не го споменува актуелниот лидер на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, ниту неговиот партнер во власта Али Ахмети, кој неодамна јавно го фалеше Груевски и велеше дека тој бил жртва на медиумска пропаганда.
– Сѐ додека трае политичкиот прогон не можеме да зборуваме за враќање во Македонија. Дали судот во иднина ќе успее да се оттргне од Заевите канџи зависи од повеќе чинители.
Кога станува збор за политичкиот прогон од Македонија, знам дека нѐ тужат обвинителите и нѐ судат судиите. Тие работат само формално. Одделни политичари обвинуваат, судат и се задолжени за медиумската пропаганда – порача Груевски.
Неговото враќање е главна тема на политичката сцена, па политичарите од власта веќе јавно почнаа да зборуваат за помирување со него. Прв рака за помирување подаде вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи.
– Јас сум првиот што седнува и зборува за помирување, ако резултатот од тоа помирување може да донесе појасна иднина за државата и идните генерации кои треба да живеат овде – рече Битиќи. Враќање на Груевски не исклучува, но вели дека помирувањето не значи амнестија.
– Помирувањето може донекаде да ја ублажи казната. Нема простување на дела – тврди тој.
Контра Битиќи и со конзистентен став дека Груевски ќе се врати и ќе си одлежи е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Целата анализа на Фокус на следниот линк:
https://fokus.mk/dali-vrhoven-ke-bide-posledniot-chekor-za-spas-na-gruevski-od-politichki-progon/





