Сопственикот на кучето кое било од расата англиски бул мастиф кој нападна и уби 8-годишно дете во населбата Пинтија во Скопје, синоќа бил повикан на разговор во полиција а од Обвинителството засега само информираат дека се преземаат дејствија за испитување на целиот настан и нема информации дали ќе има некаква одговорност за инцидентот., дознава Фокус.
Она што се знае е дека во дворот во куќата имало две кучиња, семејството на детето и семејството кое ги чувало кучињата биле соседи и во добри односи. Кучињата биле во дворот, не биле надвор, а детето попладнето само влегло во дворот на соседите….
Според неофицијални информации, во домот немало никој, па најверојатно ќе се испитуваат повеќе аспекти дали ќе има некаква одговорност.
Откако било нападнато, детето со повреди на главата и вратот веднаш било пренесено во болница, но по пат искрвавeло од повредите.
Адвокатот Јанаки Митровски за „Фокус“ вели нема многу детали за овој трагичен настан, но првично не очекува да има кривична одговорност за сопственикот на кучето.
„Врз основа на она што е пласирано во јавноста од медиумите, Кривичниот законик не предвидува кривична одговорност за сопственикот.
Законот за заштита и благосостојба на животните од друга страна предвидува прекршочни одредби бидејќи е задолжителен прво, знак пред секоја куќа и двор каде има куче, а второ за опасни кучиња дури и кога се во двор, овој Закон стимулира чување во заграден простор.
Митровски додава дека сопственикот на кучето е граѓански одговорен за наместот на штета, конкретно за душевна болка поради смрт на блиско лице, но повторува, дека и ова не е никаква утеха за семејството.







