„Потпалувачот дошол со велосипед, а откако ја запалил вратата од објектот, и самиот бил зафатен од оганот“.
Ова е изјавата Теодора Генчовска, министерката за надворешни работи на Бугарија во интервју за софиската телевизија бТВ, која, според нејзино тврдење, имала увид во видео-камерите за надзор откако пристигнала во Битола и на кои се гледало како маскирано лице го подметнува пожарот пред културниот центар „И.Михајлов“.
Според нејзини зборови, сторителот се здобил со одредени повреди и може ќе побара лекарска помош.
Денеска МВР објави дека сторител е лицето Л.А. (Ламбе Алабаковски) и дека се бара притвор за него.
„Фокус“,потсетува дека Алабаковски ден по пожарот настапил на фестивалот за фолк музика Валандово фест, а негови колеги со кои се дружел таму, велат дека ништо не наговестувало дека тој стои зад делото кое го сврте вниманието на регионот.
За ,,Фокус” учесници на музичкиот фестивал каде и Алабаковски настапи еден ден по пожарот, велат дека воопшто не забележале дека тој имал било какви изгореници или пак повреди. Напротив, велат дека бил смирен како и секогаш, љубезен и расположен.
„Затекнати сме од веста. Се дружевме со Ламбе во неделата, што значи еден ден по настанот. Тој ниту имаше било какви изгореници кои можевме да ги забележиме, ниту пак покажа некаква вознемиреност“, велат негови колеги за Фокус.







