Поголем проблем од цена е времетраењето на извршувањето на некоја услуга. Неопходна е поголема транспарентност, дигитализација и размена на податоците меѓу институциите, беше кажано на денешната панел-дискусијата на Економскиот форум „Парафискални давачки-мало делче во сложувалката на конкурентноста“, во организација на Институтот за економски политики и развој „Фајнанс тинк“.

Дури 377 парафискални давачки што ги плаќаат фирмите и граѓаните се детектирани во државава. Голем дел од нив се во општините, а многу од давачките се удвојуваат. Сепак, поголем проблем од нивната цена е времетраењето на извршувањето на некоја услуга. Затоа е неопходна дигитализација, но за да се спроведе успешно, потребно е размена на информации меѓу институциите и општините и централизирање многу услуги за да не се случува во една општина да се плаќа многу повеќе за она што во друга општина се плаќа помалку.
Ова беа главните заклучоци од панел-дискусијата на Економскиот форум „Парафискални давачки-мало делче во сложувалката на конкурентноста“, во организација на Институтот за економски политики и развој „Фајнанс тинк“.
Џулијан Васало, заменик-раководител на Делегацијата на Европската Унија во РСМ порача дека треба да се работи на подигање на довербата за тоа како се трошат народните пари, а тоа се прави со поголема транспарентност и со отворање на податоците.
– Треба да има поголема оптимизација на парафискалните давачки, но тоа не значи дека треба да се укинат. На пример, од еколошката такса треба да се вложува во видливи еколошки проекти, од кои придобивки ќе имаат и општината и граѓаните – рече Васало.
Претседателката на Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Анета Антова Пешева, рече дека истражувањето за парафискалните давачки покажало дека иако често ги врзуваме за компаниите, „излезе дека граѓаните се најголема жртва“.
– Дигитализацијата може лесно да се спроведе. Има фирми што имаат добри инженери и тоа може брзо да се направи. Но, ако гледаме на ниво на општина, во сите 80 општини има само 3-4 вакви инженери. Инаку, за почеток треба да се дигитализираат сите документи. Потоа дигитализацијата бара и централизација. Не може една цена да има за една давачка во еден град, а друга во друг. И трето што е најголем проблем е размената на податоци. Сега ние имаме 80 државички во една држава! – порача на панел-дискусијата Антова Пешева.
Благица Петрески, главен економист во „Фајненс тинк“ вели дека е следен периодот од 2019 година и дека во споредба со тогаш парафискалните давачки кон централната власт имаат тренд на пораст, иако умерен. Според направеното истражување, 54 отсто од компаниите ја идентификувале фирмарината како парафискална давачка. Како релативно висок товар се детектира и давачката за комунална такса за користење улици што се плаќа со регистрација на возилата, како и дозволи и лиценци за вршење на дејноста.





