Холдингот „Перминдекс“ на Минчо Јорданов, некогаш, според „Форбс“, најбогатиот Македонец, е на удар на велешки извршител како компанија должник на која и се запленуваат уделите во две фирми во вредност од повеќе од 700.000 евра, објави Фактор. Налогот, како што пишува порталот, на извршителката Маја Гркова Караколева од 1 декември е впишан како акт на промена во Млекара Галичник од Градско, позната најмногу по производство на традиционален кашкавал, каде што се запленува удел во вредност од 37,7 милиони денари (околу 610.000 евра), како и заплена на удел во вредност од уште 6,7 милиони денари (околу 110.000 евра) на фирмата „Јарден“ од Градско.

Двете фирми се во сопственост на должникот „Перминдекс“. а уделите се запленуваат заради наплата на побарување. Доверителот се стекнува со заложно право на уделот. Извршителката Гркова Караколева потврди дека се врши заплена на уделите, но не сакаше да открие кој е доверителот во овој случај, ниту пак дали има блокирани сметки.

Познато е дека под хопдингот „Перминдекс“ влегуваат и винарницата Стоби и земјоделските друштва „Црвени Брегови“ и „Вардар“, за кои е познато дека, според претходни медиумски извешта, е побарано стечај од велешки доверител уште од пред неколку години. Одговорното лице на Млекара Галичник не извести дека компанијата функционира непречено и дека одговорите за ситуацијата треба да ги бараме кај семејството Јорданови. На прашањата што ги испративме до маркетинг застапникот на „Перминдекс“ не добивме одговор. Повеќе за оваа тема прочитајте на Фактор.мк.





