Финскиот претседател Саули Ниинисто го повика својот руски колега Владимир Путин веднаш да го прекине огнот во Украина и да ги евакуира цивилите по хуманитарните коридори.
Двајцата разговарале за ова за време на едночасовниот телефонски разговор вчера, објави Ројтерс.
Ниинисто во четвртокот рече дека добил неколку барања, вклучително и од германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, директно да разговара со Путин.
Финска, која не е членка на НАТО, дели долга копнена граница со Русија и долго време се обидува да одржува добри работни односи.
Руската инвазија на Украина предизвика јавна дебата во Финска за тоа дали да се приклучи на Алијансата.
„Претседателот Ниинисто ја истакна потребата да се воспостави итен прекин на огнот и да се обезбеди безбедна евакуација на цивилите по хуманитарните коридори“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.
Претходно во петокот, Ниинисто разговараше и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а подоцна на Твитер напиша дека „прави се’ што е можно за мир“.
Финскиот лидер „ја потврди подготвеноста на претседателот Зеленски директно да разговара со претседателот Путин“, се вели во соопштението на претседателството.






