Финска ја стивна одбојкарската еуфорија во Македонија

Финска со пресврт славеше против Турција со 3:2 и се пласира во осминафиналето на 31. Европско првенство, истовремено спречувајќи го дебитантот Македонија да се најде меѓу 16. најдобри селекции на стариот континент.



За нов историски исчекор по двете победи во низа против Белорусија и посебно над домаќинот Словенија на избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ им требаше победа на Турците, кои водеа со 2:1 во сетови.

Покрај со денешниот пораз од Финците, тие ѝ одмогнаа на Македонија и со синоќешната победа над Белорусија, бидејќи со спротивен епилог „црвено-жолтите“ уште тогаш ќе се пакуваа за Нант.

На крајот излезе пресуден поразот на Македонија од Финска со 3:1 на стартот од шампионатот, кој скандинавците ги одведе понатаму и покрај истиот број бодови – по шест.

В сабота Финците му одат на мегдан на кодомаќинот Франција, а за македонските одбојкари заврши првиот настап на едно големо натпреварување, во кое со извонредниот впечаток го разбудија интересот на нацијата за овој спорт.