Финска денеска ќе соопшти дали сака во НАТО

Се очекува Финска денеска да ја објави својата намера да се приклучи на НАТО, а Шведска најверојатно ќе го стори истото наскоро, велат дипломати и официјални претставници, бидејќи руската инвазија на Украина ја преобликува европската безбедност и атлантската воена алијанса, пишува Гардијан.



Сојузниците на НАТО очекуваат на Финска и на Шведска да им биде одобрено членство брзо, изјавија за Ројтерс пет дипломати и официјални лица, што го отвора патот за зголемено присуство на војници во нордискиот регион за време на едногодишниот период на ратификација.

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон вчера вети дека земјата ќе ги брани Шведска и Финска, доколку дојде до руска закана. Во Стокхолм и Хелсинки, Џонсон потпиша безбедносни договори.

Норвешка, Данска, Летонија, Естонија, Литванија се веќе во НАТО. Влезот на Финска и Шведска, најверојатно, ќе ја налути Москва. Земјата тврди оти зголемувањето на Алијансата претставува директна закана за безбедноста на Русија, наведува Гардијан.

На прашањето дали влегувањето на Финска во НАТО, ќе биде провокација за Русија, финскиот претседател Саули Нинисто одговори дека за тоа треба да се обвинува Владимир Путин.

„Мојот одговор би бил – вие го предизвикавте ова. Погледнете се во огледало“, рече тој.