„Артан Груби како потпретседател на Владата на Македонија побарал од Програмата за мир и човекови права при Универзитетот Колумбија од САД да биде коспонзор – софинансиер на прославата на 20 – годишнината на Охридскиот рамковен договор. Врз основа на постигнатата спогодба за финансирање на прославата во Скопје од Њујорк допатувал Дејвид Л.Филипс, директор на Програмата за мир и човекови права со намера да се реализираат сите договорени активности. Но, по завршувањето на конференцијата во Скопје Артан Груби ги прекинал сите натамошни контакти со Филипс. Поради тоа, Филипс упатил писмо со поплака против Груби, остро обвинувајќи го дека е измамник без чест, кој со своето однесување ја дискредитирал Владата на Македонија“ – се наведува во информацијата под наслов „Големиот пријател на Албанците од САД проф. Дејвид Филипс: Артан Груби е измамник!“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.
Инаку, Артан Груби, „десната рака“ на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, е обвинет дека е „измамник без чест“ од страна на човек со исклучителна меѓународна научна и политичка биографија. Дејвид Л.Филипс е универзитетски професор – научник и предавач и во престижниот Харвардски Универзитет во САД, во Универзитетот во Њујорк и Дипломатската академија во Виена. Бил виш советник и експерт за надворешна политика во администрациите дури на тројца поранешни американски претседатели: Клинтон, Буш и Обама, но и во Секретаријатот на Обединетите Нации. Има објавено повеќе од сто експертски статии во водечки публикации како што се „Њујорк Тајмс“, Волстрит журнал“, „Фајненшел Тајмс и „Хафингтон пост“
Во својата информација ИНА пишува: „Филипс, инаку голем пријател на Албанците, испрати писмо со поплака против заменик – претседателот на Владата на Македонија Артан Груби. Во писмото вели дека Груби е измамник. Сето ова се однесува на спогодбата што ја имаа поврзано со активностите за прославување на 20 – годишнината од Охридскиот договор. Во писмото Филипс остро го обвинува Артан Груби за неискрено, некоректно, непрофесионално и неморално однесување.“
Натаму, информативната агенција го пренесува во целост писмото, кое го испратил професорот Филипс: „Во име на Владата на Македонија потпретседателот Артан Груби побара од Програмата за мир и човекови права при Универзитетот Колумбија да биде софинансиер – коспонзор на активностите за прослава на 20 – годишнината на Охридскиот рамковен договор. Врз основа на негово барање се согласивме Програмата (1) да биде конспонзор – софинансиер на конференцијата во Скопје, (2) да води една панел – расправа за време на конференцијата во Скопје и (3) да го организира Институтот за решавање конфликти. Програмата не би се согласила да учествува на конференцијата без посветеност кон иницијативата за основање на Институтот, кој би бил механизам за поддршка на демократизацијата и евроинтегративната перспектива на Македонија.“
Во писмото на Филипс дополнува: „Што се однесува до Институтот Груби ни потврди: ‘Ние сме многу заинтересирани да го сториме тоа.’ Со негова гаранција допатував од Њујорк во Скопје за еден ден. На конференцијата реков дека Универзитетот Колумбија и Македонија ќе работат заедно на основањето на Институтот.“
Инаку, станува збор за меѓународната конференција мод мотото „По Охрид“, организирана од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и одржана на 13.август 2021 година по повод 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор. На конференцијата покрај претседателот на Македонија Стево Пендаровски, учествуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, поранешни политичари вклучени во преговорите за склучување на Рамковниот договор, дипломатски претставници во земјата, како и бројни поканети гости. Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците на Македонија Артан Груби ја имаше улогата на водител на конференцијата „По Охрид“.
Професорот Филипс во својот допис нагласува што се случувало натаму по завршувањето на оваа меѓународна конференција: „Груби немаше време да се сретнеме по конференцијата, за да поразговараме како да продолжиме. Му го напишав следното за натамошните чекори: ‘Претходно разговаравме за развојот и пренесувањето на курикулумот – наставната програма за решавање конфликти и општествена хармонија на Универзитетот Колумбија на партнерите во Македонија, како и за обука заради развој на капацитетите. Ова бара работата да ја водат универзитетите и граѓанското општество. Но, вие сугериравте дека Владата на Македонија ќе ја има раководната улога.’ По ова испратив десетина електронски пораки по мејл, заради продолжување натаму. Но, Артан Груби не одговори.“
„Артан Груби е неискрен и непрофесионален. Тој е измамник. Неговото однесување ја дискредитираше Владата на Македонија, која ја почитувам. Тој и нанесе срам на ДУИ. Честа и искреноста се суштински квалитети на еден лидер. На Груби му недостигаат и честа и искреноста. Ние нема да работиме повеќе со него.“ – заклучува професорот Дејвид Л. Филипс во својата писмена поплака, која ја пренесе ИНА.
Извор: https://zhurnal.mk/miku-i-madh-i-shqiptareve-nga-shba-prof-dejvid-filips-artan-grubi-eshte-mashtrues/





