Филипче понудил оставка до Заев

Mинистерот за здравство, Венко Филипче на вонредна прес конференција која заврши пред малку рече дека понудил оставка до премиерот Заев. Јавноста беше се погласна во барањето Филипче да замине од фотелјата во ова министерство, откако на 8 септември загинаа 14 лица во пожар во модуларниот ковид центар.



„Пред година и пол го регистриравме првиот ковид случај го паметам тој ден имавме две прес-конференции од оваа иста говорница, од тој ден секогаш стоев отворено и транспарентно соопштувајќи ги добрите и лоши вести. Никогаш не бегав од критика, не должев одговор. Сите одлуки кои ги донесовме беа со една единствена цел да се заштити здравјето на граѓаните. Последната трагедија во Тетово многу ме погоди, жалам за загинатите, сочувствувам со семејствата, нема зборови тоа да се опише и да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет и од морални причини понудив оставка до премиерот Зоран Заев“, рече Филипче.

Тој првично најави дека нема да поднесе оставка додека не заврши истрагата за пожарот, а дури потоа ќе донесе одлука дали ќе се повлече од функција или не. Но се чини притисокот од јавноста беше преголем, па Филипче после еден ден ја промени својата одлука. Денеска оставка поднесоа и заменик министерот за здравство Илир Хасани, директорот на тетовската клиника, Флорим Бесими и економскиот директор Артан Етеми.