Филипче не знае…

Министерот Венко Филипче не знае дали синоќа, по избувнувањето на пожарот во модуланата ковид-болница во Тетово, профункцинирал системот за детектирање на оган и дали се вклучил системот за гасање.



На денешната прес конференција, министерот се чини не беше подготвен да одговори на низа прашања, а за одговори побара трпение да се почека да заврши истрагата а во меѓу време да не се ширеле шпекулации.

Така министерот одби да каже која е фирмата која вршела атест на материјалите кои биле вградени во модуларната болница.

Филипче не знае и чека надзорот и истрагата да покаже дали и колку лица кои не се пациенти биле во болницата во моментот на пожарот.

Вели дека во ковид-болниците биле дозволени само посети на пациентите од страна на вакцинирани, лица но не и за придружба на пациентите.

Тој не можеше да потврди дали меѓу загинатите синоќа имало лица кои биле придружба на пациентите – Филипче рече дека ќе треба да се покаже обдукцијата и ДНК анализата на телата на загинатите.

Филипче не можеше да објасни како е дозволено да се посетуваат ризични болни од корона и што ако тие луѓе понатаму го прошируваат вирусот, но рече дека посетите во болниците се речиси нормална работа.

На прашање дали може да потврди дека болниците во земјата се безбадни, министерот одговори потврдно.

Запрашан дали чувствува морална одговорност и дали ќе даде оставка, Филипче рече дека сочувствува со починатите и со болката на роднините.

„Јас ќе почекам да заврши истрагата, не бегам од тоа и од морална одговорност“, рече Филипче.