На својата редовна седница Владата денеска ги укинала решенијата за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на три компании за опојни дроги за медицинска употреба.
Се работи за друштвата за производство, трговија и услуги „Пхарма ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз ДООЕЛ Битола, подружница „Пхарма ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп и за „Медицал 420“, увоз-извоз, ДОО Битола.
На барање на министерството за здравство кое го води Филипче Владата донела одлуката за прекин на важење на решенијата за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на „Пхарма ЕУ ЛЛЦ“ Битола, подружница „Пхарма ЕУ ЛЛЦ“ Прилеп и „Медицал 420“ од Битола.
Од министерството нема најава за оставка на Филипче или друг владин претставник во знак на политичка одговорност за лошиот мониторинг на лиценците за одгледување на канабис.
Во владиното соопштение не се откриваат причините но најверојатно се работи за поврзаност со скандалот во кој беше уапсен полициски началник од Прилеп и близок човек на фамилијата Заеви.
На 9 април во акција на американската агенција ДЕА и МВР запленета беше марихуана во вредност од околу 700 илјади евра.
Тогаш беше приведен и Александар Ушилковски, возачот на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев кој е дел од бизнисот со канабисот за медицински цели во неколку компании.
Во акцијата беше приведен и еден од управителите на „Медицал 420“ од Битола. И дел од возилата од кои биле приведени неколкумина се во сопственост на овие компании.
По наредба на Јавен обвинител и добиена наредба од судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта меѓу 9 и 10 април е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал А.У.





