Министерот за здравство попладнево го сменил директорот од ДУИ во клиниката за гинекологија за кој неговата ривалка од СДСМ тврди дека и се заканувал со “Бомби” и сакал да вработи советник политиколог во здравствената установа.
Судирот меѓу кадрите на СДСМ директорката на Клиниката за Гинекологија и акушерство (ГАК) Викторија Јовановска и економскиот директор на клиниката Ваљон Беља заврши со смена на кадарот на ДУИ откако тие двајца влегоа во отворен судир со меѓусебни обвинувања за закани и уцени, партиски вработувања, непотизам и спроведување на партиски директиви.
Вчера Беља на социјалната мрежа „Фејсбук“ обвини за наводен криминал и фаворизирање на фирма од страна на Јовановска а таа денеска возврати дека причина за постапките на економскиот директор лежат во нејзиното одбивање да одобри вработување на две лица советници во неговиот кабинет кои работеле во општина Чаир.
Јовановска вели дека тестовите за кои обвини Беља спасуваат бебиња а се набавени со негова согласност и негов потпис. Најави дека ќе поднесе тужба за клевета.
Економскиот директор денеска ги достави во обвинителството документите кои вчера ги објави на „Фејсбук“. Тој уште еднаш повтори дека станува збор за фаворизирање на фирми и ја обвини Јовановска за закани и уцени на персоналот вработен во ГАК. Беља тврди дека не дал согласност за набавка на тестови.
Според Беља на Клиниката нема правична застапенот, открил непотизам, вработувања по партиски директиви и економски криминал и најави дека во наредните денови ќе ги достави доказите за овие тврдења на јавноста
Инаку за спорните тестови Јовановска тврди дека се одобрени од министертсвото за здравство и Фондот и дека се користат на други клиники. Таа потврди дека се скапи, но додаде дека другите тестови за кои се залага Беља имаат скриени трошоци и се со далеку понепрецизни резултати.





