Сите руски клубови и национални тимови се суспендирани од учество во натпреварувањата на ФИФА и на УЕФА до нова одлука.



„По првичните одлуки усвоени од Советот на ФИФА и од Извршниот комитет на УЕФА, кои предвидуваа усвојување дополнителни мерки, ФИФА и УЕФА денеска заедно одлучија сите руски тимови, без разлика дали се репрезентативни или клупски, да бидат суспендирани од учество во натпреварите и на ФИФА, и на УЕФА до понатамошно известување.

Овие одлуки денеска беа усвоени од Бирото на Советот на ФИФА и од Извршниот комитет на УЕФА, односно од највисоките тела за одлучување на двете институции за вакви итни прашања.

Фудбалот е целосно обединет овде и во целосна солидарност со сите луѓе погодени во Украина. Двајцата претседатели се надеваат дека ситуацијата во Украина значително и брзо ќе се подобри за фудбалот повторно да биде вектор за единство и мир меѓу луѓето“, се вели во заедничкото соопштение на светската и на европската фудбалска федерација.

Суспензијата значи дека Русија нема да може да се соочи со Полска во полуфиналето од баражот за Светското првенство следниот месец, а на нејзината женска репрезентација исто така ќе ѝ биде забрането учеството на Европското првенство летово во Англија. Единствениот преостанат руски клуб во европските натпреварувања, Спартак Москва, повеќе нема да се натпреварува во Лига Европа.