ФФМ го осуди односот кон Алиоски во Прилеп: Омразата не игра на наш терен!

Фудбалска федерација на Македонија излезе со официјално соопштение за непријатностите што ги доживеал денеска репрезентативецот Езгјан Алиоски во родниот Прилеп.



„Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува говорот на омраза чија последна жртва беше нашиот репрезентативец и фудбалски амбасадор Езгјан Алиоски.

Ние како федерација и институција која е социјално одговорна и се залага за развој на позитивните вредности во општеството секогаш ќе стоиме на страната на правичниот третман и почитувањето, без оглед на верската, националната припадност, расата или бојата на кожата!

Сите репрезентативци кои со гордост го носат националниот дрес се нашите најголеми амбасадори, и заслужуваат секаква почит!

Уште еднаш сакаме да порачаме – Омразата не игра на наш терен! Да ја исклучиме и од нашето опкружување!

Ги повикуваме институциите на системот соодветно да реагираат на ваквите немили настани, со цел никогаш да не се повторат“, се вели во соопштението на ФФМ.