Фетаи жестоко до Груби: Ништо не ги обединува АА и ДУИ, туку стотици нешта ги делат, од апашлакот и корупцијата до казината и коцката!

„Груби рече дека ДУИ има одлични односи со Алијансата за Албанците, бидејќи нѐ обединила идејата за евроинтеграции. Нема ништо што ги обединува Алијансата за Албанците и ДУИ, туку има стотици нешта што ги делат, почнувајќи од апашлакот и корупцијата, казината и игрите на среќа до Соравија и Еуровија! Алијансата за Албанците нема да стане никогаш патерица на ДУИ!“ – жестоко изреагира Арбен Фетаи, висок функционер и шеф на кабинетот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, откако вицепремиерот Артан Груби изјави дека „односите со АА се одлични“ и оти партијата на Таравари „ќе ја разгледа можноста за останување во Владата“.



Во објавата на својот фејсбук-профил Фетаи му возвраќа на Груби: Кажете му на Груби дека проевропeјството не е мерна единица во албанската политика, бидејќи нема Албанец кој не сака интеграција во ЕУ. Следствено, нема ништо што ги спојува Алијансата за Албанците и ДУИ!

Нас нѐ делат стотици нешта, почнувајќи од апашлакот и корупцијата, казината и игрите на среќа, потоа Соравија и Еуровија, прегратката со Мијалков на 27 април и организираното бегство на Груевски, но и наместените судски случаи и ускратената правда, „Отворениот Балкан“, наклонетоста на Вучиќ кон Заедницата, наместениот попис  и протерувањето на Албанците.

Алијансата за Албанците нема да стане никогаш патерица на ДУИ, иако Али Ахмети е во најголемата партиска и корупциска криза од неговото појавување на сцената и е подготвен да даде се, за да не заврши како Сали Бериша од Албанија, заробен, изолиран и прогласен како „непожелна личност“ – „персона нон грата“ од сојузниците на Албанците.

Вие, од ДУИ, сте олицетворение на сервилноста. Имате ли, бре, ронка машкост и достоинство?!