Фетаи: „Федерализација и регионализација се европски вредности“

„Заев помисли дека ја заплашува ЕУ со злоупотреба на гласините за федерализација на Македонија, презентирани од него како резултат на неотворање на преговорите на ЕУ со Македонија.“ – пишува денес во својата колумна под наслов „Заев помисли дека ја исплашил ЕУ“ Арбен Фетаи, раководител на Одделот за европска интеграција при Алијансата на Албанците.



Тој е и поранешен член на Генералниот совет на партијата на косовскиот премиер Албин Курти „Движење за самоопределување“ во Косово. Колумната ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.

Фетаи кој е и „висок советник за европска политика при една меѓународна фондација со седиште во Брисел, Белгија“ – како што пишува во неговата партиска биографија, наведена на офиицијалната страница на Алијансата за Албанците порачува дека е „добро советниците на премиерот Заев да го известат него оти федерализацијата и регионализацијата се европски вредности и во никој случај не можат да ја исплашат ЕУ.“

„Напротив, најнапредните европски земји како Германија, Франција, Италија, Шпанија, Австрија, Белгија, Финска и Холандија се федерални или регионализирани земји. Речиси сите овие земји, плус и Полска, Чешка, Словенија и Романија имаат дводомни парламенти“, тврди Фетаи.

„Всушност, антиевропски е крајниот централизам на Македонија, која останува најцентрализирана земја на континентот. Таквиот централизам е штетен и за демократијата и е промотор на институционална корупција.“ – заклучува Арбен Фетаи во својата колумна.

Засега останува нејасно дали овие ставови на Арбен Фетаи се негово лично мислење, или можеби одразуваат и официјален став на неговата партија Алијансата за Албанците?

Со ваквата изјава се поставува дилемата дали е ова почеток на одредено приклонување кон „Движењето за Република Илирида“, иницијатива која веќе навести дека ќе се преобрази во нова политичка партија на Албанците во Македонија, заради учество на локалните избори во октомври во годинава а потоа со намера да поднесе барање за основање на нов државен ентитет „Република Илирида“ во состав на федерализирана Македонија?