„Дводомен парламент е дел од политичката платформа на Алијансата за Албанците, што беше изгласана последниот конгрес на оваа партија. Бараме со новиот Устав да се дефинира државата како рамноправна држава на двете најголеми заедници, кои живеат во оваа земја.“ – кажа Арбен Фетаи од Алијансата на Албанците вчера во емисијата ‘Патот кон…“ на ТВ Алсат.
На својот интернет-портал ТВ Алсат ги пренесува акцентите од искажувањата во оваа емисија: „Фетаи вели дека таква организација на државата може да се реализира кога партијата ќе биде дел од Владата, што според него, ќе се случи на следните избори, за кои претпоставува дека ќе се одржат наесен. ‘„Ова го имаме како дел од политичката платформа, изгласана на Конгресот на Алијансата за Албанците во минатиот месец. Тоа е заложба, зад која ќе стоиме цврсто. Но, колку ќе се реализира останува да видиме по следните избори и од соодносот на политичките сили во државата… Веруваме дека ќе биде дел од идната Влада. Оваа година, на есен, веројатно ќе има избори, дефинитивно.’ – рече Фетаи.“
„Арбен Фетаи од Алијансата за Албанците, во своето вечерашно гостување во емисијата ‘Патот кон…’ на Алсат рече дека неговата партија во неколку наврати барала отстранување на 20-те проценти, но, според него, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, изјавата ја дал одделно, без усогласување со другите политички субјекти. Фетаи кажа и дека е неопходно во Уставот целосно да се направи официјализација на албанскиот јазик.“
„Изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не беше координирана со другите политички сили. Тој сам излезе со овој предлог, без претходна координација. Повеќе пати кажавме дека мора да се отвори Уставот на с.Македонија. Да се донесе нов, помодерен Устав, кој е во согласност со волјата на заедниците, кои живеат во с.Македонија, во согласност со социо-економската реалност, што ја имаме сега, по пописот. Според нашата политичка платформа, бараме со новиот Устав да се дефинира државата како рамноправна држава на двете најголеми заедници, кои живеат во оваа земја.’ – рече Арбен Фетаи.“
Инаку, дводомниот парламент е суштинска карактеристика на федеративното уредување на државата, во која постојат не еден, туку два или неколку државотворни народи, кои живеат во свои федерални кантони со уредена сопствена политичко-територијална автономија.





