За разлика од грчките државни органи, кои го осудија неговиот чин, но не го казнија, хотелиерот Јорго Цагаракис е санкциониран од „Фејсбук“ за постот на неговиот профил во кој се пофали дека не им издал соба на туристи со македонски пасош.
По пријава од корисник на социјалната мрежа, „Фејсбук“ го избриша постот на Цагаракис од 7 август, а на неговиот профил по тој датум има само пораки на благодарност од нови пријатели и на поддршка за тоа што го направил.
„Дојдоа да побараат соба, но со такви пасоши, им кажав дека тие пасоши не важат во мојот хотел. Јас, како Грк, имам право да се грижам за останатите“, е спорната порака придружена со фотографија од пасошите и од печатот од македонското Министерство за внатрешни работи.
Од грчкото Министерство за туризам само го осудија однесувањето на хотелиерот.
„Конкретните граѓани (на ПЈРМ) може да поднесат жалба, ако сакаат. Сепак, реакциите како таа на наведениот хотелиер се надвор од духот на туризмот“, порачаа од таму.
А основа за покренување постапка против Цагаракис има уште во првиот член на Законот за хотелиерство, кој вели дека „хотелиерот е должен да изнајми празни соби на секој клиент“. Може да се одбие гостин само ако е очигледно болен, пијан или валкан.
Случајот крена прав на социјалните мрежи во Грција, каде што корисниците се поделија на тие што го осудија чинот, нарекувајќи го расистички, и на други што го поздравија како „патриотски гест“.





