„Низ медиумите одвреме-навреме ќе се појави некое ѓоамити ‘научно истражување’ со бомбастично тврдење дека, на пример, Албанците, Македонците, или Бугарите се ‘најмалку интелигентни’ нации во Европа. Демек според ‘науката’. Ваквите пропагандни тврдења се наменски вметнати, заради политички цели и немаат врска со науката. Сите речиси секогаш се појавуваат пред битна политичка одлука во одредена земја, при некој нов ‘француски предлог’, или во изборна година и слично.“ – пишува на фејсбук-профилот на веб-страницата за општество и култура „Македонија: вистинска бескрајна приказна“… („Macedonia : a True Endless Story …“).
Во оваа објава натаму се истакнува: Деновиве се појави „научно истражување“ за наводната ниска интелигенција на Македонците и Албанците. Бугарските платеници на интернет веднаш се истрчаа да го искористат за навреди и провокации кон Македонците. За бугарска несреќа, белосветските играчи фабрикувале слични „научни тврдења“ и за Бугарите: дека се „медицински идиоти“, скоро „морони“ и слично. Ништо од тоа не е точно. Вистинската корисна наука одамна не се занимава со тоа колку еден народ „е глупав“. Секако, ќе се најдат и луѓе кои ќе се помачат и „да ги побијат“ тие тврдења. Така, бугароманите денес се спремни да расправаат и за тоа кој е поголем и најголем морон? Веројатно, тој што најдолго се расправа за тоа и навистина е таков.
Целта е да се создаде раздор, кавги и поделби кај читателите, во јавноста, кај обичните луѓе. Белосветските играчи плаќаат за тнр. „истражувања“, поточно – пропаганда, за да го одвлечат вниманието од битните збиднувања и обичниот народ да расправа за споредни и небитни работи… Патем и да се мрази себеси и да го презира замислениот „непријател“. Кога ние обичните луѓе се караме меѓу себе, некој „на повисоко скалило“ има корист од тоа. Манипулаторите денес на интернет „фрлаат коска“, за да ја глодаат „интернет-стручњаците“ потоа. „Раздели па владеј“– и Старите Римјани го знаеле тоа, а го знаат и денешните „римјани“.





