„Изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дадена во минатонеделното издание на емисијата ‘Пат кон…’ на ТВ Алсат повторно ги покрена расправите за уставната положба на Албанците во с.Македонија. ДУИ го чека првиот момент да се отвори Уставот, заради промена на таа уставна позиција“ – објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“.
„Журнал“ пишува: „Мицкоски, како и СДСМ, се согласува албанскиот јазик и правата на Албанците да не бидат ‘јазик и 20-процентен народ’, но за да се случи ова потребни се уставни промени. Меѓутоа, според Фатон Ахмети, член на Генералниот совет на Демократската унија за интеграција, сега засега нема таква иницијатива.“
„До овој момент не е покрената таква иницијатива, но ние како политичка партија ДУИ сме свесни и сме промотори за тоа во првиот момент да се отвори уставот за одредени промени, во тој момент и овој дел ќе се опфати во тоа.“ – изјави Фатон Ахмети од ДУИ.“
Инаку, паѓа в очи дека албанските партии и од позицијата и од опозицијата, како и медиумите на албански јазик, случајно или не, намерно, или ненамерно, подготвеноста на Мицкоски за бришење на формулацијата „20 проценти“ од Уставот, што се однесува до албанскиот јазик, ја споменуваат издвоено од вториот дел на ставот на првиот човек на ВМРО ДПМНЕ дека покрај тоа бришење на процентите тој е подготвен едновремено и за отстранување на „бадинтеровиот принцип“ како начин на гласање.
Изјавата на Мицковски во овој контекст гласи: “Подготвен сум да разговарам и за бришење на процентите, подготвен сум да разговарам за бришење на Бадентерот, бришење на балансерот, бидејќи гледам дека одредени политички субјекти сакаат постепено да го напуштат Охридскиот рамковен договор…“.
Од албанскиот политички блок со својот став дека „ако нема бадинтер, тогаш нека има дводомен парламент“ досега Алијансата на Албанците му има одговорено на Мицковски околу неговиот предлог за отстранување на „бадинтеровиот принцип“, ако се бришат уставните „20 проценти“ за албанскиот јазик.
Што се однесува до „очекувањето на ДУИ во првиот момент да се отвори Уставот“, нејзиниот лидер Али Ахмети минатата недела во интервјуто за РТВ 21 од Косово јасно укажа дека главната цел, што се очекува да се постигне со отворањето на Уставот, заради „менување на уставната позиција на албанскиот народ во с.Македонија“, е тој народ да стане државотворен, еднаков и со исти права како и Македонците. „Албанците во Македонија не се малцинство, туку државотворен елемент, државотворен народ.“ – изјави Ахмети.





