Фатмир Битиќи избега од камерите откако се чудеше од каде 14% бараат раст на платите

Во клучните моменти кога се носи нова методологија за усогласување на платите, од владата бегаат од камерите. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој ги покани медиумите на прес конференција, си даде изјава само пред владината камера пред почетокот на настанот, а кога медиумите пристигнаа, се беше завршено. Од Конфедерацијата на слободни синдикати за Алфа велат дека власта мора да покаже сериозност, за работникот да биде задоволен, а не секојдневно да се прашува како ќе преживее. Благоја Ралповски рече дека не отстапуваат од барањата за повисоки плати веднаш.



Откако Вицепремиерот Фатмир Битиќи се прашуваше – од каде излезе барањето за 14% зголемување на платите, истиот став денеска го имаше и министерката за труд и социјала Јована Тренчевска. Таа по потпишувањето на националната програма за достоинствена работа по кој знае кој пат повтори дека се барало системско решение.

Дека работите не мрднале од мртва точка со години, по кој знае кој пат алармираа синдикатите кои бараат достоинствени плати за работникот. Тие бараат да се заштити работникот за да не стане топовско месо, особено во градежништвото, бидејќи прекувремената работа е голем причинител за смртни случаи и повреди на работни места.

Синдикатите беа едногласни дека достоинствената работа и плата, како и достоинственото работно време, се главните столбови на една држава, што за жал кај нас ништо од тоа не се почитува. Според нив, достоинственото работно време е нападнато со 72-часовната работна недела за изградба на коридорите и тоа мора да се промени, зашто македонскиот работник и натаму останува на дното по се.

Инаку, Синдикатите и Владата уште утре ќе бараат ново решение за зголемување на платите. Состанокот ќе се одржи во Министерството за финансии, каде се очекува на иста маса да седнат со министерот Фатмир Бесими, кој треба да им каже за одржливоста на буџетот.