Фалат дури 43 учебници од вкупно 126 во основното образование, ќе сноси ли некој одговорност?!

Учениците имат само две третини од потребните книги за учење. До сега се обезбедени само 83 книги, а 43 никаде ги нема. Нема учебници за трето и шесто одделение, како ни учебник по македонски за заедниците. Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација алармираат дека не држи објаснувањето дека учебниците се во фаза на подготовка или печатење, зашто до сега имаа доволно време да го направат тоа. Велат, дека токму затоа можна е судска постапка, против министерството за образование.



Само учениците од прво и второ одделение ќе имаат учебници по сите наставни предмети. За останатите, го нема учебникот по српски јазик, за кој нема ниту одобрение од Националната комисија, а ќе нема учебник по математика, ниту пак е распишан јавен повик за автори.

Децата од петто одделение ќе немаат учебник по општествени науки и историја, кој беше повлечен во мај, а се работи за оној учебник каде “Монт Еверест’ беше висок 22 км, а Бугарија ни беше на запад.

Учениците од 7,8,9 оваа учебна година ќе ја следат според старата програма. Ова претпоставува дека ќе ги користат старите учебници, освен учебникот по географија, поради проблеми со преносот на права на авторот. Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација најавија конечна одлука за следната недела, а тоа ќе биде прв случај ако Комисијата се одлучи да покрене тужба.