Фалангата со одговор на притисокот врз Македонците за „добрососедските договори“ – пишува Свето Тоевски

Навивањата за репрезентацијата е првиот одговор на Македонците кон меѓународните диктати околу „добрососедските договори“, пишува во својата најнова колумна Свето Тоевски.



Фудбалската репрезентација на Македонија загуби во првиот натпревар против Австрија на почетокот на европското фудбалско првенство, но овие македонски случувања околу фудбалот – „најважната споредна работа“ вчера и овие неколку денови донесуваат една нова и моќна порака: сите оние неколку илјади навивачи од Македонија, кои на улиците на Букурешт ги носеа изворните македонски знамиња со 16-кракото сонце од Кутлеш, сите оние кои таму достоинствено и со љубов го извикуваа името на својата таковина Македонија, но и сите оние кои во Македонија со патриотска возбуда ги следеа акциите на фудбалерите – сите тие со своите однесувања, всушност, одразуваат едно ново, нараснато ниво на колективно, национално спротивставување и отфрлање на „Преспанскиот договор“ и „Договорот за добрососедство“ со Бугарија.

Реалната социополитичка анализа укажува дека ова е пораката и, поправо, првиот одговор на македонската нација кон „извршната наредба“ на Бајден за „црната листа“, на која би се нашле сите оние што ќе бидат означени како „противници“ на двата добрососедски договора. И кон дипломатското реагирање на грчкиот министер Дендиас во врска со „забранетата“ употреба на националниот код „МКД“ и „прекршувањето на Преспанскиот“.

Меѓутоа, ситуацијата е крајно деликатна, затоа што САД и Бајден го најавија своето „враќање на Балканот“, а таа „црна листа“, кој како и да мисли за неа, сепак, мора сериозно да се земе предвид како „алатка“ за дисциплинирање на сите, што ќе бидат со поинакви мислења околу „добрососедските договори“, кои и се наметнати на Македонија.

Бајден утре ќе има средба со рускиот претседател Владимир Путин и не е случаен тајмингот на објавувањето на неговата „извршна наредба“: целта е да се превенира „малигното влијание на Русите на Балканот“ и да се заокружи Балканот како неприкосновена сфера на влијание на американската политика.

Исто така, и Европската Унија и поодделно Германија, Франција и другите нејзини водечки држави – членки со нивното инсистирање за безрезервно спроведување на „Преспанскиот“ и Договорот со Бугарија, со сите анекси, кои му се „крчкаат“ сега, е второто „јаже околу вратот“ на Македонците во нивното спротивставување на идентитетското обезличување како народ, на кој му се пресудува да остане не само без македонска национална самоидентификација, туку да остане и без своја историја и без целосно духовно – културно наследство.

Моментната ситуација на меѓународен план е крајно неповолна за македонскиот народ, но и ситуацијата внатре во Македонија, исто така, катадневно се влошува. ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски истакнуваат дека ја следат волјата на македонскиот народ во врска со двата „добрососедски договора“, „Левица“ и Апасиев настапуваат уште поостро, додека Љупчо Коцарев и некои други академици, интелектуалци и универзитетски професори со факти аргументираат зошто „добрососедските договори“ водат кон веќе започнато разнебитување и исчезнување на македонскиот народ.

Но, ова се реакции без соодветна и доволна внатрешна, целинска поврзаност, какви ќе бидат случувањата за Македонците и за Македонија во деновите и неделите што ќе следат ќе зависи и од самите Македонци како народ: ако успеат да формулираат и преку другите своите легитимни политички репрезенти, не од актуелната владејачка гарнитура, да упатат единствен, колективен одговор како нација кон императивниот налог на меѓународните фактори за безусловна примена на „Преспанскиот“’ и договорот со Бугарија, со јасно изнесување што и зошто не може да се прифати, тогаш би можело да се очекува барем делумно да започне да се менува, да се релаксира, сегашната тешка ситуација. Во спротивно, „живиот песок“ ќе продолжи да ги „голта“ се повеќе македонскиот народ и неговиот идентитет и опстој.

Пишува Свето Тоевски, професионален новинар, независен општествено-политички аналитичар и научен истражувач во политичките науки, лингвистиката и науката за македонскиот јазик