„Фактор“: „За енергенсите од увоз 300 милиони € од девизните резерви, поради неспособноста на ЕСМ и министерствата!“

„Неспособноста на државната компанија за производство на струја ЕСМ и нивното лошо планирање во комбинација со инертноста на надлежните министерства за првите четири месеци годинава направи дупка во девизните резерви на државата од околу 300 милиони евра.“ – објави информативниот портал „Фактор“ во својата анализа со наслов „Кој ќе одговара? Скапата увозна струја и гас ‘стопија’ околу 300 милиони евра државни девизни резерви за четири месеци!“



„Фактор“ пишува: „Министерствата наместо заедно со ЕСМ да го хеџираат ризикот од извесен раст на цените на берзите на струја уште во август лани чекаа да ‘паднат во офсајд’ и во ноември да прогласат енергетска кризна состојба. Со тоа си дадоа легимитет да плаќаат од централен буџет гас за греење на Скопје и скапа увозна струја и дебаланси по цени на берзата ХУПЕКС. И притоа не мрднаа со прст и изложија многу приватни фирми и сите општини и нивните јавни комунални претпријатија да плаќаат мегаватчас струја по цени повисоки од 200 евра за мегаватчас.“

„Министерот Бектеши најави оти ќе ја преиспита одговорноста на Васко Ковачевски и неговиот тим во ЕСМ откако ќе заврши кризата со струјата. Или уште не е завршена кризата? И после потрошени околу 200 милиони евра државни девизни резерви за увозна струја и над 100 милиони евра за увоз на природен гас -кој го купуваа во најскапото, односно во декември лани и јануари година? Мазутот за ТЕЦ Неготино да не го ниту споменуваме… оти домаќини ќе го набавеа уште во јули лани.“

„Набавката на увозна струја по берзански цени и природен гас од почетокот на јануари до крај на април стопија околу 300 милиони евра од државните девизни резерви на Македонија. Девизните резерви на државата од јануари до април се намалени за повеќе од 400 милиони евра! Тоа се официјални податоци, кои ги објавува Народната банка, институција која го организира и контролира девизниот пазар, од каде и потврдуваат дека побарувачката на девизи и намалувањето на девизните резерви во најголема мерка е резултат на увозот на енергенси.“

„Промените во девизните резерви од почетокот на годината главно се одраз на поголемите потреби на компаниите за девизи заради повисокиот увоз на енергенси, а во услови на значаен раст на светските цени на овие производи.“, е објаснувањето на Централната банка за намаленото ниво на девизни резерви од јануари до крај на април. Домашниот производител ЕСМ постојано потфрла со своето производство особено од термоелектраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, затоа што не користи ниту 60 отсто од неговиот инсталиран термо-капацитет. Токму неспособноста на ЕСМ е клучната причина за високата изложеност на девизните државни резерви за плаќање на увозна струја. Затоа што другите енергенси (природен гас и нафтени деривати) мора да ги увезуваме, затоа што дома ги немаме.“

„Според достапните податоци на електроенергетскиот систем оператор МЕПСО, кои се достапни на нивната веб страница, во јануари и во февруари годинава увезени се над 530.000 мегаватчасови електрична енергија. За март и за април податоците уште не се достапни. Тоа е увоз за потребите на домашното стопанство, но и за дебаланси предизвикани од домашното производство, кое било помало од потребното. Во овој период, според официјалните податоци на Народната банка, девизните државни резерви се намалиле за повеќе од 250 милиони евра и тоа заради скапиот увоз на енергенси (струја, природен гас, мазут и нафтени деривати).“

„Нема јавни податоци за тоа колку чинеле дебалансите на ЕСМ за периодот јануари – април, но од извештајот на РКЕ лани тие лани надминале 80 милиони евра. Увозот во најголема мерка е плаќан во девизи по цени на берзата ХУПЕКС во Унгарија. Токму високата берзанска цена на струјата ги тенчела државните девизни резерви затоа што увозните енергенси се плаќаат во домашна валута.“