За патот кон Бугарија, односно до граничниот премин Деве Баир, по скратена постапка преку Собранието ќе се бара од Светска банка дополнителен кредит од 31 милион евра, дознава Фактор.
Датумот за затворање на проектот е продолжен до 30 септември 2025 година.
Актуелните договори за државниот пат кој гравитира околу Крива Паланка со Страбаг, Гранит и Бетон, претпријатие кое е во процес на стечај, истекуваат во мај следната година.
„Во фазата на реализација на проектот се појавија непредвидени работи, стабилизација на косини во усеци, појава на рударски тунели на самата траса, драстично покачување на цените на градежните материјали и слично, поради што се јави потребата од обезбедување на дополнителни финансиски средства, кои е проценето дека изнесуваат 45 милиони евра, со што вкупната вредност на проектот се зголемува и изнесува 118 милиони евра“, пишува во објаснувањето на предлогот.
Дополнително, предлагачот тврди дека од Светска банка се обезбедени 14 милиони евра како грант. Рокот на отплата за кредитот од 31 милион евра ќе биде 16 години со грејс период од три години. Парите ќе ги добие Јавното претпријатие за државни патишта.






