Компанијата „Реплек“ ја потврди информацијата на Фактор, дека земјиштето на маркетот „Хубо“ е продадено на „Систина“, каде што оваа болница планира да изгради голем медицински центар.
„Реплек АД Скопје објавува дека на 29.12.2022 година, Друштвото Реплек Маркет ДООЕЛ Скопје во целосна сопственост на Реплек АД, изврши продажба на 3,558 м2 земјиште на Кара ДООЕЛ Скопје со договорена продажна вредност во износ од 75.000.000,00 денари без вклучен ДДВ, односно од 88.500.000,00 денари со вклучен ДДВ“, се вели во известувањето кое Реплек го испрати до Берзата.
Според сознанијата на „Фактор“, зделката тежи 92 милиони денари, што е рамно на 1,5 милиони евра.
Според информациите, Орка Холдинг на тоа земјиште планира да гради „Болница мајка и дете“, како и медицински факултет.
Новата зграда ќе биде споена со клиничката болница Аџибадем Систина, дознава Фактор.
Со тоа всушност, Аџибадем Систина ќе добие огромен болнички комплекс од 70.000 метри квадратни, кој ќе ги опфати сите медицински дејности, ќе има капацитет од 550 кревети, а ќе располага и со медицински факултет.
Практично, на овој начин Аџибадем Систина ќе стане најголемата медицинска установа во целиот регион, говорат информациите на Фактор.







