Извршниот директор на Косовската енергетска корпорација (КЕК), Нагип Красниќи, во синоќешното интервју за приштинската КТВ вели дека АД Електрани на Северна Македонија може да се јават на огласот за купување јаглен.
„Сме разговарале со водачите на македонската енергетска корпорација за можноста од размена на јаглен и електрична енергија, но во моментов не гледаме многу можности да ја реализираме таа размена, затоа што и тие имаат големи побарувачки за електрична енергија. Меѓутоа, разговорите продолжуваат и во иднина може да очекуваме нешто такво. Тоа што се договоривме е да објавиме тендер за продажба на јаглен и тие изразија интерес да дојдат и да купат јаглен од нас“, рече Красниќи, какоштопренесува „Фактор“.
Цената на јагленот ќе биде одредена според пазарни услови, а првиот човек на косовското електростопанство додаде дека Косово сепак не е подготвено за извоз на големи количества на јаглен.
„Нашата опрема и сета инфраструктура не се подготвени за извоз на големи количества јаглен, меѓутоа барања на пазарот има поради светската енергетска криза“, додаде Красниќи.






