Фактор: Покрај министер, Агенција за иселеништво, добивме и национален координатор за – дијаспора

 

Фатон Асани, на 9-ти јануари е назначен од Владата за национален координатор за соработка со дијаспората, како нова функција, дознава Фактор .



Тој е поранешен директор на Агенцијата за управување со одземен имот, каде во март минатата година  како кадар на СДСМ ја отстапи функцијата за да направи место за Дритон Небиу од Алијанса.

Асани ќе добива плата со коефициент од 3,3 просечни македонски плати. Секоја година со растењето на националната просечна плата, ќе расте и платата на Асани, дознава Фактор.

Владата веќе има и министер без ресор задолжен за дијаспората – Џемаил Чупи, кој има свој кабинет со неколку вработени.

Под Владата како основач постои и Агенцијата за иселеништво, каде има повеќе вработени, додека директор е Слободан Близнаковски, а има и заменик-директор.

Во земјата постојат 1.240 државни органи кои добиваат пари од буџетот, но за неколку стотини никој не знае кои се и што се, иако имаат управни и надзорни одбори.