Фактор: По дојавите на бомби родителите не сакаат да ги праќаат децата во училиште

По лажните дојави на бомби во неколку скопски гимназии во изминатите два дена, по што наставата беше прекината а објектите евакуирани, некои родители одлучија денеска да не ги испраќаат децата на школо, дознава „Фактор“.



-Два дена по ред не сме мирни. Го праќаш детето во школо и стрепиш да не се случи нешто навистина. Заканите се лажни, не уверуваат од МВР, и ние знаеме дека е така, но што ако навистина некаде има подметнато бомба. Не е тоа туку така. Јас и сопругот одлучивме денеска синот кој е втора година во гимназијата „Орце Николов“ да не го пуштиме да оди во школо. Нека се среди целиот овој хаос. МВР нека каже точно кој ги пушта тие мејлови и зошто. Со вакви работи нема играње. Треба најстрого да се казнат“, кој и да е, вели за Факторзагрижено мајка на средношколец од Скопје.

Не се спокојни ниту професорите. Велат дека воопшто не е пријатна ситуацијата кога ќе ви соопштат дека полека треба да се напуштат просториите заради дојава на подметната експлозивна направа.

Тие потсетуваат дека вакви случаи неодамна имаше во Белград. Денови по ред евакуираа и по десетици школи. И таму пријавите беа лажни, но во ниту еден случај не може таква работа да се занемарува. .. Создадена е паника и меѓу вработените, и меѓу учениците. Надлежните мора да излезат со конкретни одговори, вели професор од една од гимназиите која два дена по ред беше евакуирана.

Според министерот за внатрешни работи пак Оливер Спасовски, казната за испраќачите на лажните дојави треба да биде најстрога, бидејќи станува збор за монструозен чин со кој се заплашува јавноста злоупотребувајќи ги училиштата и вознемирувајќи ги учениците и нивните родители, но и сите граѓани.