На некои бензински пумпи во земјава воопшто нема гориво за точење, информира за Фактор директорката на Пазарниот инспекторат Анета Симеска Димоска. Во инспекторатот денеска има зголемен број јавувања од граѓани кои сакале да наточат гориво, но не успеале. Кога инспекторите излегувале на терен утврдувале дека нема ограничувања од бензинските туку дека тие воопшто немаат залихи па затоа не тоат. Симеска Димоска вели дека тоа било образложено со зголемената побарувачка на нафтени деривати во последните денови, па не можеле пумпите да стасаат да ги реализираат новите нарачки и да дополнат. Од вечерва на полноќ нафтените деривати ќе имаат нови цени, најверојатно зголемени, но Регулаторната комисија за енергетика се уште не го објави новиот ценовник.
„Имавме и викендов јавувања, ама од утрово се зголемени реакциите на граѓаните. Нема гориво на некои бензински пумпи, но утврдивме дека тие воопшто немале залихи. Побарувачката е енормно зголемена. Најлошо беше во Струга каде имаше наплив на возила од Албанија, изјави Симеска Димоска за Фактор.
Таа се надева дека по објавата на новите цени и по полноќ притисокот на бензинските ќе се намали.





