„Повеќемина странски државјани, кои во Куманово се доселиле неодамна, почнале да вршат религиозни проповеди во просториите на изнајмен објект во градот. Кумановци реагираат и бараат СВР Куманово да испита за што станува збор, кои се овие луѓе и кој им дозволил да проповедаат. Додека бројот на луѓето, кои реагираат се зголемува, нема официјална потврда дека се прави било што во градот.“ – пишува информативниот портал „Фактор.мк“
„Не станува збор за обични туристи (странски државјани), туку за верско – обредна организација. Според тоа, не смеат да живеат во приватен објект, кој не е наменет за нив. Како родител на две деца ќе кажам: ако службите не си ја разрешат ситуацијата и не ги протераат, ние, како население, ќе ја земеме правдата во раце. Како што можеле да влезат, така и ќе излезат. Полицијата не го спречила нивното влегување, аналогно на тоа нема право да го спречи и нивното протерување.’ – вели една кумановка.“
„Дел од нејзините сограѓани дури ги сликале овие луѓе низ градот. Сепак нема официјална потврда дека тие прават нешто. Со нив има и деца и не е потврдено дека проповедаат и му сметаат некому. Дел од жителите на овој град прашуваат дали ова се луѓето кои беа протерани од Босна и Херцеговина, а кои припаѓаат на екстремистичкиот култ Лев Таор. Членовите на сектата имале американски и канадски државјанства.“
Инаку, ако се потврди дека станува збор за екстремистичкиот култ „Лев Тахор“, тогаш мора да се имаат предвид алармантните сознанија, кои ги изнесуваат други медиуми во регионот и во други држави во светот за насилните активности на овој култ, кои не смеат да се дозволат, ниту да се развијат на територијата на Македонија. „Лев Тахор“ е основан во осумдесеттите години на минатиот век и неговата примарна цел е да се практикува јудаизмот како и пред 5 илјади години.
На 29.јануари 2022 година босанскиот информативен портал „Мондо“ во информација со наслов „Паника во регионот: граѓаните се исплашија од злогласната секта Лев Тахор дошле во Сараево, а се осудувани за најлоши дела“ пишува: „Во населбата Кула кај Сараево се доселила група со специфичен начин на живот и облекување. Нивното доаѓање ги вознемири сараевчани, бидејќи тие тврдат оти се работи за секта. Поголема група со многу деца, сите исто облечени, се доселија кон крајот на декември. Жителите на Кула наведуваат дека ги слушаат по цели ноќи додека изведуваат разни ритуали, односно дека од куќата во која живеат се слушаат детски гласови и песни. Како што пренесува ‘Klix.ba’, необичните дојденци се поправо членови на сектата Лев Тахор, кои ги нарекуваат уште и ‘еврејски талибани’.
„Од Службата за работа со странци потврдуваат дека на ова подрачје моментно живеат 37 странски државјани, кои дошле од САД, Канада и Гватемала и оти се работи за група, која практикува ‘религиски уверувања на екстремен начин’. На членовите на оваа секта во светот им се припишуваат навистина тешки злосторства, а многумина од нив се протерани од многу држави во светот. Според информациите достапни на интернет, сектата Лев Тахор во минатото била осудувана за грабнувања деца, педофилија, силувања, склопување малолетнички бракови, малтретирање деца, а за животот на оваа секта постојат и бројни дведоштва. Припадниците на Лев Тахор живееја во 7 држави во светот, а од крајот на 2021 година тие живеат само во Романија и однеодамна во Босна и Херцеговина. Загрижените жители на Кула ги известиле надлежните служби, а групата би требало да се отсели во февруари, поради притисокот на соседите.“





