Директорот на КПДУ, Зоран Јовановски, не открива детали за ископаниот, но недовршен 48 метараски тунел за бегство, кој беше „откриен„ и за кој постои сомневање дека „невозможната мисија“ ја направиле десетина „штитеници“ на затворот со над десетгодишна казна – без „надворешна“ помош.
Јовановски очекува наскоро да биде поднесен обвинителниот акт за ископаниот тунел од четириесетина метри и тогаш да бидат објавени и имињата.
„Има суспендирани, но не можам да кажам колкумина се ниту, пак, какви било други детали. Истрагата е во тек, се работи на расчистување на случајот. Набргу очекуваме и обвинителен акт, но да почекаме да завршат постапките“, вели директорот Јовановски во продолжението од интервјуто за „Макфакс“.
Во копањето учествувале најмалку осуммина затвореници осудени за сериозни кривични дела, со казни од 10 години до доживотен затвор.







