„Никола Димитров имал државни функции во речиси сите македонски влади во досегашната историја вклучувајќи ги премиерите Црвенковски, Георгиевски, Груевски и Заев. Единствено новиот мандатар Ковачевски немал доверба во овој вечен функционер. Димитров прифати договор, со кој Македонија го менува државното име за севкупна употреба, го брише целиот институционален идентитет каде не смее да се користи придавката македонски, Македонците стануваат граѓани на Северна, а дел од античкиот период на историјата целосно се брише.“ – објави информативниот портал „Фактор“ во статијата со наслов „Досие Никола Димитров: Крајот на вечниот функционер“.
„Фактор пишува:
Договор по секоја цена
„Никола Димитров повеќе нема да биде дел од македонската Влада, ниту ќе извршува дипломатски функции, бидејќи, како што самиот кажа, одбил да биде амбасадор најверојатно во САД. Димитров ќе остане запаметен како министер за надворешни работи, кој го потпиша Преспанскиот договор. Од иницијаторите на договорот, со кој се стави крај на спорот за името, повеќе никој не е на власт, иако Заев, Ципрас и Венизелос го прогласија договорот за историски. Токму компромисот со Грција ги обезОружува Димитров да говори дека Османи сакал договор со Бугарија по секоја цена. А што направи Димитров во истата фотелја додека преговараше со Грците? Прифати договор со кој Македонија го менува државното име за севкупна употреба, го брише целиот институционален идентитет каде не смее да се користи придавката македонски, Македонците стануваат граѓани на Северна, дел од античкиот период на историјата целосно се брише, и ред други последици. Притоа нема никакви механизми кои ќе гарантираат членство во Европската Унија, каде што повторно сме заглавени.“
Камбекот на „амстердамецот”
„Димитров беше дел од т.н. ‘Амстердамска тројка’ формирана од поранешни владини функционери во времето на Никола Груевски, кои во 2015 година почнаа да го критикуваат неговото работење. Критиките за владеењето на режимот на Груевски ги немаше додека тие исти поранешни владини функционери ги вршеа функциите во неговата влада. Димитров беше амбасадор во Холандија. Тој претходно беше претставник на Македонија пред меѓународниот суд во Хаг. Македонија ја победи Грција во спорот, во кој докажа дека јужниот сосед ја прекршил Привремената спогодба со ветото во НАТО и ЕУ.“
„Димитров со Амстердамската тројка’ наводно требаше да поттикне реформи во ВМРО-ДПМНЕ и да предводи граѓански движење. На крајот се појави на протестот организиран од СДСМ и шарените револуционери како и приврзаници на Заев. Беше подржувач и на протестите за Специјалното јавно обвинителство. Министер за надворешни работи стана во 2017 година во Владата на Заев во коалиција со Ахмети. Тоа беше големо изненадување за многумина. По предвремените избори во 2020 година беше ‘делегиран’ во Секретаријатот за европски прашања. Местото на прв дипломат му го отстапи на Бујар Османи, притоа задржувајќи и потпретседателска позиција во Владата.“
„Срамота е, луѓе!“
Како политичар, кој долго време бил амбасадор и на врвот на македонската дипломатија, излезот од власта го направи прилично недипломатски. На прес конференција на неколку дена пред да му истече мандатот Димитров изнесе наводни шокантни тврдење. По секоја цена ќе се нашол договор со Бугарија. Тој требало да биде премиер со меѓународна поддршка, ама некој не сакал да остане во земјата, оти наводно пречел во многу планови. Сите критики, кои Димитров ги искажа, можеше многу порано да ги стави на увид на јавноста, да протестира против нив, ако смета дека се штетни. Дури и да поднесе оставка од морални причини.“
„За него често се прогнозира дека може да биде и кандидат за претседател на државата како највисока државна функција, но таква шанса никогаш не доби со оглед на популарноста на Стево Пендаровски. Тие двајца имаат слично движење во кариерата: од кабинетот на поранешниот претседател Борис Трајковски до многу функции, политички сојуз со Заев и борба со власта на Груевски. Димитров ќе остане и запаметен по испадот на еден предизборен митинг одговарајќи на нападите од опозицијата за компромисот со Грција, но и внатрешните проблеми во земјата како реформи во правосудството. Посочи дека е срамота тие да се жалат за правдата кога биле подготвени да ја нападнат сопствената држава, за да избегаат од одговорноста.“ – објави „Фактор“.





