Поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, минатата недела заедно со уште едно физичко лице основал претпријатие за производство на електрична енергија Бојана Енерџи. Произведувачот е регистриран во Ново Коњарево, село во општината што ја водеше Стојчев – пишува порталот Фактор.
Стојчев инаку во 2018 заедно со уште четири лица, беше фатен при обид за шверц на цигари во близина на македонско-бугарската граница. При тоа беа запленети околу 3.300 штеки цигари во вредност од над три милиони денари, а тој беше осуден на 18 месеци затворска казна, која подоцна беше намалена на половина година.
Истовремено во Нов Дојран е регистрирана компанија со истата дејност со назив Агатон Енерџи. Еден од двата сопственици е Ангов Консалтинг Гевгелија, бирото на градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, додека управител е извесен Иван Тошевски од Аеродром.
Ангов вели дека инвестирањето во овој бизнис сега е во тренд и дека треба да се искористи економската ситуација.
– Мојата инвестиција е заедно со партнер кој може финансиски да ја помогне инвестицијата, но ќе биде потребен и кредит од банка. Во план имаме да изградиме соларен парк од 300 киловати, изјави за Фактор градоначалникот на Дојран.
Трајче Ангеловски, функционерот од Крива Паланка кој во ноември 2020 беше именуван од Владата за директор на Аеродроми на РСМ, е еден од тројцата основачи изминатите денови на Енерго Солар Систем, претпријатие за производство на електрична енергија. Покрај Ангеловски, сопственици се уште едно физичко и едно правно лице.
Во меѓувреме во Битола се формирани две претпријатија за производство на електрична енергија – ММ Солар и МИВМ Солар Гроуп. Еден од сопствениците на двете фирми е Миле Јончевски, познат како гласноговорник на Општинската организација на СДСМ од Битола, кој за време на претходната власт алармираше за состојбите на РЕК Битола.





