Во текст насловен „ЕУ забива клин во тркалата на проширувањето кон Западен Балкан“ Фајненшнел тајмс“ пишува дека 1971 година, офицерите на ЦИА напишале документ на 12 страници со наслов „Македонски синдром“ кој го издржал тестот на времето како јасна анализа на еден од најнерешливите историски спорови во Југоисточна Европа и додава дека авторите на документот можеби нема да бидат изненадени ако знаат дека, и покрај различниот геополитички контекст од тоа време, тензиите околу македонскиот идентитет останале нерешени, пренесува Радио слободна Европа.



Поради овие причини, оценува ФТ, прерано е да се слави почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија, пренесува РСЕ.

Весникот пишува дека европските лидери храбро одговориле на рускиот напад врз Украина со доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија минатиот месец. Тие, исто така, го забрзаа процесот за Северна Македонија и Албанија, за да не се занемарат државите од Западен Балкан кои тропаат на врата речиси од почетокот на овој век.

Но, во брзањето да ја направат вистинската работа, лидерите на ЕУ натрупаа проблеми за иднината, истакнува ФТ. Весникот наведува дека европските лидери во суштина ја повикуваат Северна Македонија да се приклучи, но велат дека тоа нема да се случи ако не исполнат низа ригорозни барања поставени од Бугарија кои се однесуваат првенствено на јазикот, националниот идентитет и историјата.

Во која било фаза од пристапните преговори, Бугарија има моќ да ги запре или одложи со изјавување дека Северна Македонија ги избегнува своите обврски, наведува ФТ, додавајќи дека условите на Бугарија ги надминуваат формалните критериуми за пристапување во ЕУ, кои главно се однесуваат на исполнувањето на ЕУ стандардите за слободна пазарна економија и демократија и инкорпорирање на законодавството на ЕУ во националното право.

За влез во ЕУ, ниту еден претходен кандидат никогаш не бил принуден да попушти пред барањата на друга земја за прашања како што се толкувањата на историјата кои никогаш не можат да имаат постојан, фиксен одговор. Но, Бугарија е членка на ЕУ од 2007 година, а Северна Македонија е кандидат.

Непријатната вистина е дека Софија е во предност, пишува ФТ.

Весникот оценува дека ЕУ, поддржувајќи ја позицијата на Бугарија, како единствен начин да се придвижи напред, не само што престана да биде непристрасен арбитер меѓу двете земји, туку и направи веројатно дека слични пречки ќе бидат поставени и пред другите земји од Западен Балкан.

Повеќе на следниот ЛИНК