„Во с. Македонија се случува разградување на парламентарниот систем во кој секој глас вреди еднакво, во една етничка пропорционално-консензуална демократија, во која повеќе не е најважно што ќе биде кажано, туку кој го кажува тоа и какво етничко потекло има оној што зборува. Тоа во принцип и не е нешто фундаментално ново за с. Македонија, но во меѓувреме станува се’ поиздиференцирано и достигнува нови врвови“, пишува германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг во денешната анализа за постизборните превирања во Северна Македонија во текст под наслов „Мултиетнички грабежи“.
ФАЦ потсетува на традицијата од 1990-те години во секоја влада да влегува и партија која го претставува албанското малцинство во земјата. По конфликтот од 2001 и постигнувањето на Рамковниот договор, речиси непрекинато во власта е ДУИ раководена од Али Ахмети.
„Поддржувачите на Охридскиот договор велат дека тој ја спасил државата од крвав меѓуетнички конфликт. Скептиците тврдат дека тој е образец за мултиетнички грабеж на државата, затоа што етничката припадност (и партиска книшка) секогаш имаат предност пред перформансите и квалификациите: По секои избори содветниот победник во словенско-македонскиот кампус се договара со партија на Ахмети за заедничко заробување на институциите.
Има и други последици на Охридскиот договор: Поради тоа што повеќе партии се борат за гласовите на албанското малцинство, тие секогаш се натпреваруваат кој ќе излезе со поголеми барања за нови права на етничките заедници. На тој начин сакаат да покажат дека можат повеќе да добијат за својата клиентела од внатреалбанската конкуренција.
(…)
Договорот кој го постигнаа Заев и Ахмети за премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот на владата, според авторот на ФАЦ, е експеримент. „Очигледно Ахмети се задоволи со симболичен успех“, пишува весникот и заклучува: „Договорот е сепак пресврт. Поделбата на власта меѓу словенските Македонци и Албанците достигнува едно ново ниво. Според Ахмети, тоа е придобивка за стабилизација на земјата“.
„Во меѓувреме, моделот на поделба на власта во с. Македонија некои ги потсети на Либан – и се надеваат дека успехот нема да биде ист како и таму“, заклучува ФАЦ.






