ЕВВ Хоме: ЕСМ понуди за 16 отсто поголема цена

Универзален снабдувач на електрична енергија ЕВН Хоме соопшти дека на денешниот тендер за набавка на електрична енергија за домаќинства и мали потрошувачи за периодот јануари-јуни 2023 добил понуда од АД ЕСМ за 16 отсто поскапа струја.



„АД ЕСМ и понуди на ЕВН Хоме купопродажна цена на електрична енергија од 56 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини. Оваа цена е за околу 16% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јули-декември 2022), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 48 евра за мегаватчас“, објави ЕВН Хоме.

За цената на електричната енергија на ЕВН Хоме во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, но најмногу од производната цена на ЕСМ и од Електродистрибуција, претпријатието кое ги покрива загубите во мрежата.