Податоците на Евростат и на Бугарија за бројот на македонски граѓани што добиле бугарско државјанство во 2016 година толку многу се разликуваат што се неспоредливи!



Според статистичката агенција на Европска унија, Бугарија пред две години им издала бугарски пасош само на 142 државјани на Македонија и таа е на четвртото место меѓу земјите надвор од ЕУ чии граѓани добиле документи од оваа земја, пишува бугарски „Дневник“. Од вкупно 1.585 издадени државјанства на луѓе од држави надвор од ЕУ пред две години, повеќе од Македонија, според Евростат, добиле граѓани на Русија (488), на Украина (278) и на Турција (145). Веднаш зад Македонија се Молдавија (103) и Србија (90).

Годишниот извештај за 2016 година на Комисија за бугарско државјанство и за Бугари во туѓина во рамките на Кабинетот на Претседателот, пак, вели дека вкупно 6.196 Македонци добиле бугарско државјанство таа година.

Дека станува збор за многу поголеми бројки од европските наведува и изјавата на потпретседателката Илијана Јотова при ланската посета на Македонија дека од јануари до средината на декември 2017 година Бугарија натурализирала 1.184 Македонци, а од 2001 година дотогаш 71.524.