Европскиот сојуз за промени на Касами, Гаши и Меџити бара да се тргне крстот од Попова Шапка

Петнаесетметарскиот метален крст кај манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка да се тргне, побара Европскиот сојуз за промени, составен од опозициските партии на Албанците од Македонија Беса, Алтернатива и Демократско движење на прес-конференција во Тетово.



„Ја повикуваме Комисијата за односи со верските заедници, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, односно Тетовска митрополија, согласно нивните надлежности, да преземат мерки и самите да го тргнат крстот и да не дозволат верата да се трансформира во инструмент на создавање тензии меѓу нашите граѓани“, рече тетовскиот градоначалник и лидер на Беса, Билал Касами.

„Го повикуваме Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, како орган со директни овластувања во оваа работа, да постапи што е можно побрзо согласно своите должности. Знаеме дека оваа институција е под раководство на ДУИ и доколку не постапат ќе ги сметаме за тивок партнер со македонските партии, порано со ВМРО-ДПМНЕ, сега со СДСМ. И ги повикуваме итно да се приклучат на постапката врз основа на своите законски обврски, бидејќи таквите провокации се непростливи за никого“, додаде тој.

„Имаше вакви сценарија во минатото, како кога пред избори една македонска партија глуми лав, а една албанска партија глуми орел. А потоа се претвораат во маче и во врапче. Затоа, повикуваме на мир, љубов и меѓусебно почитување, а се обраќаме до МПЦ-ОА да не дозволи да стане жртва на националистичките политики. ДУИ и македонските партнери ги повикуваме да престанат да ги злоупотребуваат верските симболи за да добијат дневни политички поени, итно да излезат во јавноста и да побарат од МПЦ-ОА да го тргнат крстот, а на тој начин ќе се создадат услови за развој на меѓусебното почитување и соживот. Воедно, сите верски заедници ги повикуваме да се облагородат во духовниот живот на нашите граѓани и да не дозволат да се инструментализираат за политички цели. Ние нема да молчиме кога некој сака да ги наруши мирот, хармонијата и меѓуетничките и меѓуверските односи во нашата земја“, порача во името и на Алтернатива на Африм Гаши и на Демократско движење на Изет Меџити „градскиот татко“ на Тетово што стана тоа и со гласовите на православните Македонци од општината што ја раководи.