Европскиот парламент бара укинување на визите за Косово

Европскиот парламент денеска го усвои предлог на Европската комисија со кој се бара визна либерализација за косовските граѓани.



Комесарот на ЕУ, Димитрис Аврамопулос, рече дека е задоволен од фактот што Европскиот парламент ја препознал важноста за безвизниот режим за Косово.

„Не се работи само за признавање на нивните напори, туку и за обезбедување стабилност и безбедност во регионот. Тоа е европска перспектива на целиот регион“, вели тој.

Тој потсети дека во јули 2018 година Европската комисија потврди дека Косово ги исполни сите услови за визна либерализација, вклучувајќи ја и демаркацијата на границата со Црна Гора и зајакнувањето на борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Известувачот за визна либерализација во Европскиот парламент, Тања Фајон, рече дека Косово останува „црна дупка во Западен Балкан“ кога станува збор за визите и ја повика ЕУ веднаш да реагира.

Некои членки на ЕУ не ја поддржуваат визната либерализација за Косово поради стравувањата од ризици од миграција и проблеми што ЕУ веќе ги има со приливот на баратели на азил од таа земја.