Eвропска перспектива, но без датуми за членство на Западен Балкан во ЕУ

Лидерите на ЕУ одново се ангажираа да ги сплотат земјите од Западен Балкан и да ги доближат до Унијата, но не зборуваат за членство, туку само за „европска перспектива“.



Самитот во Софија беше прв во ваков формат во последните 15 години, по оној во Солун во 2003 година.

Во Декларацијата усвоена на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија се истакнува дека лидерите на ЕУ и земјите членки ја споделуваат посветеноста на Западен Балкан кон „европските вредности и принципи, како и визијата за силна, стабилна и обединета Европа…“.

Понатаму во текстот на декларацијата се вели дека „Врз основа на напредокот постигнат досега партнерите од Западен Балкан ја потврдуваат посветеноста со европската перспектива како свој категоричен стратешки избор…“

Во текстот не се споменува терминот „државите“ од Западен Балкан, туку „партнерите“ поради позицијата на Шпанија кон Косово кој официјален Мадрид, (како и Грција, Кипар, Романија и Словалка) не го признава за држава.

Премиерот на Шпанија Маријано Рахој дури и не присуствуваше на самитот, бидејќи одби да биде на иста маса со косовски политичари.