Европа треба да размисли за употребување на казнени механизми за да ја натера Бугарија да ги почитува демократијата и основните човекови права. Пред да зборуваат за други држави треба прво да погледнат во својот двор!
Оваа порака преку својата најнова колумна ја упатува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.

,,Како што јасно се вели во резимето на Извештајот за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права – Спроведувањето на пресудите на ЕСЧП е приоритет за Парламентарното собрание и Советот на Европа. Сите држави мора да ги спроведат, со добра волја и без одлагање, конечните, обврзувачки пресуди на Европскиот суд. Со цел да се спроведат судските пресуди навремено и ефективно, државите мора да имаат ефективни национални механизми за координација, со доволна хиерархија и ресурси”, пишува Николовски кој вели дека
еден од лошите примери е Бугарија која според овој Извештај е седма земја со најголем број нерешени предмети а земјата нема спроведено вкупно 166 пресуди на Европскиот суд за човекови права.
,,Можете ли да замислите земја-членка на Европската унија, која става вето на Македонија за отварање на пристапните преговори со ЕУ, да не ги спроведува пресудите на Европскиот суд и во исто време да зборува за човекови права и владеење на правото во други земји, колку е срамно е ова!
Од сите овие случаи 16 се за основните човекови права на Македонците кои живеат во Бугарија. Во Европскиот суд, десетици илјади граѓани од цела Европа бараат правда која не можат да ја најдат во домашните судови кога нивните основни човекови права, право на слобода на говор, право на здружување, право на национална самоидентификација
и правото на употреба на мајчиниот јазик не се почитуваат. Македонците од Бугарија со децении се борат за овие права. Тие отсекогаш живееле таму и сакаат да ги остварат своите национални, јазични и културни права, но за жал Бугарија тоа го одбива направи. Одбива да ги регистрира нивните здруженија преку кои сакаат да ги остварат своите права. Ќе се согласите дека ова е недемократски чин на земја-членка на Европската унија. Дури 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права се однесуваат на Македонците во Бугарија и досега ниту една од нив не е спроведена од Бугарија. Ниту една! Ова е силно поткопување на кредибилитетот на Судот и затоа Советот на Европа мора да дејствува. Ова мора да престане! Европа треба да размисли за употребување на казнени механизми за да ја натера Бугарија да ги почитува демократијата и основните човекови права. Пред да зборуваат за други држави треба прво да погледнат во својот двор!”, пишува Николовски во колумната.






